МЗТ против незгоден тим од Кипар ја брка првата победа во ФИБА Еврокупот!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје вечерва во спортскиот центар „Јане Сандански“ го пречекува кипарскиот состав АЕК Ларнака (19 часот) во еден од најважните натпревари во досегашниот тек на сезоната во ФИБА Европа купот.

Тимот предводен од тренерот Васко Атанасов ги загуби првите три средби во ова натпреварување и е под апсолутен императив на победа доколку сака да ги задржи надежите за пласман во следната фаза. За разлика од скопскиот тим кој е притиснат до ѕид, кипарскиот претставник пристигнува во главниот град со далеку подобра позиција на табелата, откако во досегашниот дел од сезоната забележа две победи со еден пораз, што му дава реална можност дополнително да ги зацврсти своите шанси за продолжување на европската авантура.

Црната серија започна со пораз од Ираклис (59-64), продолжи со неуспех против естонски Тарту (92-95), додека во претходното коло скопјани немаа решение за германскиот Вирцбург (73-87). Според пропозициите, само најдобрите две екипи од групата ќе обезбедат пласман во следната рунда, што значи дека просторот за нови грешки е целосно исцрпен. Евентуален нов неуспех вечерва би значел дефинитивен крај за надежите за впечатлив меѓународен настап, додека првиот триумф би претставувал витален чекор за враќање во игра.

Поради ваквата критична состојба, поддршката од трибините се очекува да биде дополнителен мотив за македонскиот шампион, кој ќе мора да прикаже многу поквалитетна и пофокусирана игра во однос на претходните три средби.