Скандал во Бразил: Нејмар збесна, доби црвен картон и тргна да се тепа со противник (ВИДЕО)
Искусниот голгетер беше исклучен, откако при вербален дуел со противничкиот фудбалер Нестор ја покри устата со рака, потег кој според новите фудбалски правила за борба против расизмот веднаш се санкционира доколку има пријава од противникот. Исклучувањето предизвика бурна реакција кај Нејмар, кој во напад на бес се обиде физички да се пресмета со Нестор, но поголем инцидент беше спречен благодарение на брзата интервенција на неговите соиграчи.
Тензијата помеѓу двајцата фудбалери започна претходно во текот на натпреварот, кога поранешната ѕвезда на Барса и ПСЖ заработи жолт картон бидејќи, револтиран од еден груб старт, намерно го погоди Нестор со топка. Препукувањето на теренот кулминираше десетина минути подоцна, кога при нов обид за провокација, играчот на Сантош ја стави раката преку устата. Нестор веднаш реагираше и бурно протестираше кај судиите, повикувајќи се на новите регулативи, што резултираше со директно исклучување за бразилската легенда.
По завршувањето на средбата, видно разочараниот Нејмар остро го критикуваше потегот на својот противник, обвинувајќи го за свесна злоупотреба на правилата.
„Она што ми го направи Нестор денеска е многу сериозно. Новото правило е создадено за борба против расизмот, а тој го искористи за да добијам црвен картон и неговиот тим да има предност на теренот. Не му реков ништо лошо, секако дека меѓусебно се провоциравме, но тоа е дел од фудбалот. Тоа што тој го направи е чиста злоба, ја крена раката да се пожали во истиот момент кога јас заборавив и ја ставив мојата рака преку уста, иако во тој момент не му кажав буквално ништо“, изјави Нејмар.