Равена спектакуларно го најави датумот на враќањето на Роналдињо на теренот (ВИДЕО)

Повеќе од една деценија по своето официјално пензионирање, легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо повторно ќе истрча на фудбалските терени, овојпат во дресот на италијанскиот третолигаш Равена.

Трансферот кој изненади многумина беше реализиран уште во јуни, но 46-годишниот Бразилец сè уште немаше настапено за тимот од Серија Ц. Синоќа клубот преку специјално видео официјално потврди дека некогаш најдобриот фудбалер на светот, кој последен пат професионално играше во 2015 година за Флуминензе, конечно ќе го има своето деби на 15 ноември во големото дерби против екипата на Форли.

По повод историскиот натпревар, италијанскиот клуб се огласи преку соопштение до јавноста, најавувајќи невиден спектакл.

„Ова е настан што ќе го сврти вниманието на светот кон стадионот Бруно Бенели. Целиот фудбалски свет мислеше дека е премногу добро за да биде вистина, но наместо тоа, сега официјално можеме да потврдиме спектакуларно враќање. Враќање на магијата, насмевката и талентот што пленија генерации навивачи, без оглед на нивната лојалност кон тимот или нивните фудбалски верувања“, се вели во соопштението на Равена.

Враќањето на бразилскиот виртуоз е реализирано благодарение на првиот човек на клубот, Игнацио Чипријани, кој стои зад познатиот ресторански бренд „Чипријани“. Тој истакна дека негов најголем сон е фудбалската икона да го постигне својот последен гол во кариерата токму за неговиот тим. Подготовките за овој фудбалски настан започнаа уште во август, кратко пред почетокот на сезоната, кога Роналдињо беше спектакуларно претставен пред навивачите на гламурозна церемонија организирана на плажа.