Највисокиот европски пораз на Јунајтед од неанглиски тим е од – сплитски Хајдук!

Комо вчера го декласираше Манчестер Јунајтед со 4-1 во Лигата на шампионите и уште еднаш потсети на некои од најтешките порази на англискиот гигант против клубови надвор од Англија. Италијанскиот тим беше на чекор да влезе во друштвото на четирите неанглиски клубови кои му нанеле особено тешки порази на Јунајтед, но резултатот од Сплит во 1980 година и натаму останува посебна приказна.

Најтешкиот пораз на „црвените ѓаволи“ од странски клуб, според резултатот, е оној од сплитски Хајдук, кој на 27 јануари 1980 година го совлада Манчестер Јунајтед со неверојатни 6-0 на стадионот „Пољуд“. Пред околу 30.000 гледачи, хрватскиот клуб приреди фудбалска лекција и запиша резултат кој и денес се памети како еден од највпечатливите во неговата историја.

Хајдук тогаш се подготвуваше за четвртфиналето на Купот на европските шампиони против Хамбургер, а тренерот Томислав Ивиќ побарал силни противници за проверка на формата. Малкумина можеле да предвидат дека подготовките ќе донесат ваков спектакл против англискиот гигант.

Боро Приморац двапати погодил од пенал, во 22. и 58. минута, Крстичевиќ се запишал во листата на стрелците во 33. минута, а Мужиниќ погодил во 40. минута. Златко Вујовиќ, кој им создавал огромни проблеми на гостите, стрелал во 57. минута, додека Богдановиќ го поставил конечниот резултат во 81. минута.

Кога станува збор за официјалните европски натпреварувања, меѓу најтешките порази на Манчестер Јунајтед се издвојува оној од Спортинг Лисабон. Португалскиот клуб славеше со 5-0 на 18 март 1964 година во Купот на победниците на куповите. Иако Јунајтед го доби првиот натпревар со 4-1, Спортинг со убедливата победа во реваншот се пласираше понатаму со вкупни 6-4.

Во мај 1958 година, Милан го победи Јунајтед со 4-0 на „Сан Сиро“ во полуфиналето на Купот на европските шампиони. Англичаните имаа предност од 2-1 по првиот натпревар, но италијанскиот гигант со доминантното издание во реваншот обезбеди место во финалето со вкупни 5-2.

Сличен резултат се повтори и на „Камп Ноу“ на 2 ноември 1994 година, кога Барселона го декласираше Манчестер Јунајтед со 4-0 во групната фаза од Лигата на шампионите. Христо Стоичков постигна два гола, а Ромарио и Алберт Ферер по еднаш ја затресоа мрежата на англискиот тим.

Токму поразот од Барселона останува еден од најтешките европски спомени за Јунајтед, додека Спортинг го држи местото меѓу најубедливите победници во официјалните европски дуели со англискиот клуб.