Американците во шок: Антиќ го понижуваше Леброн во интервју (ВИДЕО)
Антиќ не штедеше зборови зборувајќи за Леброн, кого често го споредуваат со Мајкл Џордан и Коби Брајант. Според поранешниот македонски репрезентативец, начинот на кој Џејмс ја игра кошарката и неговото однесување на теренот се причина поради која сè потешко му е да ужива во натпреварите од најсилната кошаркарска лига во светот.
„Не можам веќе да ја гледам НБА лигата. Го споредуваат со Џордан и Коби. Што? Тој е како мало девојче, постојано бара нешто, па симулира прекршоци и приговара“, изјави Антиќ во подкастот „Јао Миле“.
Тој се осврна и на начинот на кој Леброн ги гради своите индивидуални достигнувања, особено во однос на вечната листа на најдобри стрелци во НБА лигата и желбата да настапува заедно со својот син Брони Џејмс.
„Ќе го бркам рекордот по бројот на поени намерно, за никој никогаш да не може да ме стигне. Сакам и син ми да игра со мене. Не треба така да функционираат работите“, порача Антиќ, критикувајќи го пристапот на Леброн кон личните рекорди и семејната приказна во НБА.
Коментарите на македонскиот кошаркар повторно ја отворија една од најголемите дебати во современата кошарка – дали Леброн Џејмс заслужува да биде рамо до рамо со Џордан и Коби во дискусиите за најголемиот кошаркар на сите времиња. Додека неговите поддржувачи ги истакнуваат долговечноста, индивидуалните рекорди и шампионските титули, критичарите често му забележуваат за однесувањето на теренот и за начинот на кој ја гради својата кариера.