Шутна рагби-топка од зграда до теренот каде што играше Ливерпул, сега го бара полиција (ВИДЕО)

Брентфорд соработува со полицијата за утврдување на идентитетот на маж кој за време на саботниот натпревар против Ливерпул шутнал рагби-топка од покривот на соседна зграда кон стадионот, објави „Скај Спортс“.

На снимката објавена на социјалните мрежи се гледа маж во сина маица како од покривот на зградата зад источната трибина на стадионот шутира рагби-топка, додека присутните околу него се смеат и извикуваат кога топката паѓа на стадионот. На друга снимка се гледа како еден маж ја собира топката од теренот.

Според пишувањето на „Телеграф“, топката, како што изгледа, била шутната од зградата „Underwood House“, станбен објект во близина на стадионот.

„Клубот е запознаен со инцидентот во кој за време на саботниот натпревар против Ливерпул бил шутнат предмет кон теренот. Таквото однесување е опасно и потенцијално многу штетно. Случајот е пријавен во полиција, а клубот им помага на надлежните во истрагата со цел да се идентификуваат одговорните и да се преземат соодветни мерки, што може да резултира и со кривично гонење“, се наведува во соопштението на Брентфорд.