Teн Хаг удри по Роналдо како никој друг: Прескокнуваше тренинзи и не трчаше!
Холандскиот стратег смета дека понекогаш морал да покаже авторитет за да ги спроведе неопходните правила на однесување, поради што дошло и до проблеми со португалската суперѕвезда.
„Ме изневери и мене и тимот, бидејќи сметавме на него. Тој е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и исклучително го почитував, но морав да носам рационални одлуки. Отсуствуваше од некои тренинзи, а кога тренираше, не трчаше доволно и не го подигаше пулсот до потребното ниво. Се соочив со него поради тоа“, изјави поранешниот стратег на Ајакс во интервју за „Атлетик“.
Потоа, 56-годишниот тренер ги објасни и своите тактички замисли, кои не можел да ги спроведе со петкратниот освојувач на „Златната топка“ во нападот.
„Не беше способен да се движи добро бидејќи не се подготвуваше како што треба. Не трчаше ниту со топката ниту без неа. Погрешно е да се прикажуваат работите како да очекував од него постојано да се исцрпува со висок пресинг. Им велеше на соиграчите да ги штедат нозете на тренинзите и имаше лошо влијание врз нив.“
„На некои фудбалери фудбалот не им беше најважната работа во животот, а на некои дури ни Јунајтед не им беше на прво место. Сметам дека тоа во клубот го донесе ‘мадридската врска’. Играчите имаа голема моќ и сакаа тие да одлучуваат. Раководството сакаше динамичен, напаѓачки фудбал, а тие сакаа да играат онака како што ним им одговара“, раскажа Тен Хаг.
Кристијано го напушти „Театарот на соништата“ по вторпат во ноември 2022 година, додека Ерик тен Хаг остана на клупата уште две години. „Црвените ѓаволи“ без Роналдо ја завршија сезоната на третото, а потоа и на осмото место на табелата.
Трикратниот европски шампион минатата сезона изгледаше препородено под водство на Мајкл Керик и повторно го освои третото место, со што се врати во Лигата на шампионите по тригодишно отсуство.
Сепак, оваа сезона повторно се вратија на старите проблеми – освоија само седум бода во првите седум кола од првенството.