Девојката на Ернандез: Среќна сум во С. Арабија - ако украдеш одма ти сечат раце!
Повод за нејзината реакција беше видеоснимка која се прошири на социјалните мрежи, а на која се гледа како сопственичка на продавница се обидува да го заштити својот локал за време на нереди и грабежи. Споредувајќи ги овие сцени со нејзиното искуство од животот во Ријад, каде што строгите казни резултираат со поголема безбедност, таа ги нарече сторителите на насилството „одвратни суштества“ и отворено поддржа телесно казнување.
„Ако некому украдеш, ти ги сечат рацете. На почетокот мислев: дали е тоа претерано? Сега мислам дека нема друг начин одредени луѓе да се стават под контрола“, напиша Кристофоли.
Нејзините радикални ставови делумно произлегуваат од лична траума. Во октомври 2022 година, таа беше жртва на брутален грабеж кога вооружени разбојници упаднаа во нејзиниот дом во близина на Милано, заканувајќи се со пиштол кон неа и нејзиното дете. Поради овие трауматични искуства, таа изрази огромно незадоволство од безбедносната ситуација во Европа, нагласувајќи ја желбата да продолжи да живее на Блискиот Исток.
„Ако даде Бог, ќе останам овде колку што е можно подолго“, додаде Италијанката.
Нејзините изјави предизвикаа бурни реакции, при што дел од критичарите и јавноста ѝ порачаа воопшто да не се враќа во Италија, потенцирајќи дека безбедноста не треба да се гради преку сурови казни. Инаку, според законите во Саудиска Арабија, ампутацијата може да се примени за одредени форми на кражба под посебни правни услови, мерка која меѓународните организации за човекови права жестоко ја осудуваат.
Тео Ернандез и Зои Кристофоли, кои имаат две деца, живеат во Ријад откако францускиот репрезентативец лани направи трансфер од Милан во Ал-Хилал. Кристофоли, која е позната по својот впечатлив и тетовиран изглед, е успешна манекенка, претприемачка и косопственичка на студио за тетоважи во Торино.