Илиоски по нокаутот во Глори: Чест ми е да ја претставувам Македонија на најголемата сцена!

Maкедонскиот кик-боксер Бобан Илиоски пред два дена во Антверп оствари голема победа на дебито во Глори против Мароканецот Ајмане Латифи.

Илиоски до триумфот дојде со технички нокаут уште во првата рунда со што само го потврди својот квалитет, а по борбата преку социјалните мрежи истакна дека оваа борба за него било остварување на еден сон и огромна чест.

„Ова за мене е голем чекор, остварување на еден сон и огромна чест да ја претставувам Македонија на најголемата светска кикбокс сцена. Зад овој настап стојат многу труд, жртва, дисциплина и верба во патот што го избрав. Посебна благодарност до мојот тим во Холандија, кој верува во мене, ме поддржува и ми ги дава сите услови и насоки за да напредувам и да го достигнам мојот целосен потенцијал. Кога покрај себе имаш луѓе кои веруваат во тебе и кога понекогаш ти е најтешко, знаеш дека си на вистинското место.

Ова е само почеток на едно поглавје за кое работев долго време. Горд сум на тоа што го постигнав, но уште погладен за она што допрва следува. Продолжуваме да работиме, да растеме и да ги поместуваме границите, со една цел, да го кренеме нашето знаме уште повисоко“, истакна Илиоски.