Илиоски по нокаутот во Глори: Чест ми е да ја претставувам Македонија на најголемата сцена!
Илиоски до триумфот дојде со технички нокаут уште во првата рунда со што само го потврди својот квалитет, а по борбата преку социјалните мрежи истакна дека оваа борба за него било остварување на еден сон и огромна чест.
„Ова за мене е голем чекор, остварување на еден сон и огромна чест да ја претставувам Македонија на најголемата светска кикбокс сцена. Зад овој настап стојат многу труд, жртва, дисциплина и верба во патот што го избрав. Посебна благодарност до мојот тим во Холандија, кој верува во мене, ме поддржува и ми ги дава сите услови и насоки за да напредувам и да го достигнам мојот целосен потенцијал. Кога покрај себе имаш луѓе кои веруваат во тебе и кога понекогаш ти е најтешко, знаеш дека си на вистинското место.
Ова е само почеток на едно поглавје за кое работев долго време. Горд сум на тоа што го постигнав, но уште погладен за она што допрва следува. Продолжуваме да работиме, да растеме и да ги поместуваме границите, со една цел, да го кренеме нашето знаме уште повисоко“, истакна Илиоски.