На Стајиќ му ја пукнаа главата, беше во болница на шиење, па се врати да го - доигра мечот (ВИДЕО)

Вчерашниот кошаркарски натпревар помеѓу Тиквеш и Куманово (75-76) одигран во Кавадарци мина во знакот на потешката повреда и несекојдневниот херојски потег на гостинскиот кошаркар, Бобан Стајиќ.

Македонскиот репрезентативец по сериозната расекотина на главата во првата четвртина и итната медицинска интервенција во локалната болница каде што му беше сошиена раната, на сопствено инсистирање се врати на паркетот за да ѝ помогне на својата екипа до самиот крај на средбата.

Инцидентот се случи пред самиот крај на првата четвртина за време на еден жесток дуел под кошот. Стајиќ доби силен удар со лакт од противнички играч, при што заработил пукање на главата. Поради обилното крвавење и сериозноста на повредата, тој веднаш бил пренесен во кавадаречката болница каде што медицинскиот персонал му ја сошил раната.

Иако ваквите повреди најчесто значат крај на настапот, спортската драма добила поинаков тек откако кошаркарот инсистирал да се врати во салата веднаш по медицинската интервенција. Стајиќ машки го доигра натпреварот до самиот крај, покажувајќи огромна пожртвуваност за тимот, иако по завршувањето на мечот признал дека во неколку наврати чувствувал вртоглавица додека бил на теренот.

Овој негов потег дефинитивно е пример за професионализам и максимално залагање за клупскиот дрес.