Дерби во Гостивар: Арсими и Тиквеш во битка за важни прволигашки бодови!

Екипата на Арсими попладнево ќе го пречека составот на Тиквеш (14 часот) во Гостивар, во рамките на последниот натпревар од десеттото коло во Првата лига, во кој двете екипи влегуваат со желба за освојување на важни бодови, што најавува голема и неизвесна борба на теренот.

Во пресрет на денешната пресметка, одбранбениот фудбалер на домашниот тим, Арлинд Алити, истакна дека екипата е максимално подготвена и мотивирана за надигрување со противникот.

„Нè очекува многу важен натпревар против Тиквеш, квалитетна екипа која максимално ја почитуваме. Работевме посветено и се подготвуваме на најдобар можен начин за овој натпревар. Свесни сме дека нè очекува тежок дуел, особено по натпреварот со Силекс, но веруваме во нашиот квалитет, во работата што ја правиме и во силата на групата. На теренот ќе излеземе со максимална концентрација, мотивација и голема желба да оствариме позитивен резултат. Ги повикувам нашите навивачи да бидат покрај нас и да не поддржат како и секогаш. Нивната поддршка ни дава дополнителна сила и мотивација. Од наша страна ветуваме дека ќе се бориме за секоја топка и ќе го дадеме максимумот до последниот судиски свиреж“, изјави Алити.

Кавадарчани во оваа средба бркаат бод(ови) со кои би се зацврстиле на четвртата позиција на табелата, додека домаќинот со евентуален триумф би ја „прескокнал“ Брегалница и би побегнал од зоната за испаѓање и бараж.