Тренерот на Севилја по поразот од Реал: Судиите нѐ ограбија - ги штитеа пред Ел Класико!

Тренерот на Севилја, Луис Гарсија Плаза, упати остри критики кон судиската организација по убедливиот пораз на гостувањето кај Реал Мадрид (1-4), сметајќи дека неговата екипа е драстично оштетена.

Тој посочи дека главниот судија и ВАР собата пропуштиле да му доделат директен црвен картон на играчот на Реал, Арда Ѓулер, по што мадридскиот клуб рутински стигнал до триумфот. Со оваа победа, тимот предводен од Жозе Мурињо се искачи на третото место на табелата со 21 бод, шест помалку од лидерот Барселона.

Спорниот момент кој предизвика огромно незадоволство во таборот на Севилја се случи во 25. минута од натпреварот при резултат 0-0. Турскиот интернационалец со лакт го удри во лицето Херардо Пеке Фернандез, но наместо исклучување, играта продолжи, а токму Ѓулер само пет минути подоцна го постигна водечкиот погодок за домаќините. На прес-конференцијата по натпреварот, Гарсија Плаза не го криеше својот револт, алудирајќи дека судиските одлуки се донесени со цел да се заштити Реал Мадрид пред претстојното дерби против Барселона.

„Не ни дозволија да играме. Денеска требаше да имаме бројчана предност, скратена ни е шансата да го играме тој натпревар. На полувремето Пеке повторуваше: 'Ме удри, стварно ме удри'. Можеби немаше да победиме, но во 25. минута на нивниот стадион при резултат 0-0 моравме да имаме играч повеќе. Зошто судијата не беше повикан пред ВАР мониторот? Можеби за да не заостануваат девет бода пред 'Ел Класико'. Ова беше чиста ситуација за реакција на видео-асистентите, сè беше кристално јасно. Огорчени сме“, изјави Плаза.

Од друга страна, тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, целосно ги отфрли обвинувањата од гостинскиот табор. Португалскиот стручњак истакна дека досега не видел ниту една јасна снимка која би потврдила дека неговиот фудбалер имал намера намерно да го удри противникот со лакт.