Силекс се „вади“ во Куманово, Шкендија апсолутен фаворит во Автокоманда!
Кратовци во овој натпревар влегуваат со надеж дека со почетокот на вториот круг од првенството ќе го зголемат бодовното салдо. Тие се во сериозна резултатска криза, бидејќи немаат победа повеќе од два месеци, во кои имаа три ремија и три порази, што ги смести далеку од врвот на табелата. Башкими имаше очаен старт на сезоната, но тимот од Куманово во меѓувреме успеа да се стабилизира и во последните четири кола нареди две победи, едно реми и само еден пораз. Традицијата е на страната на Силекс, кој во последните три години има биланс од четири победи, едно реми и само еден пораз против кумановскиот состав.
Во Автокоманда, домашниот тим влегува како голем аутсајдер во пресметката против Шкендија. Разликата во квалитетот е голема, со оглед што Скопје се наоѓа на последното место со само три бода и е единствениот тим без победа оваа сезона, додека тетовци се на делба на првото место со ист број бодови како Струга и Вардар, кои, сепак, имаат и натпревар повеќе во своите нозе.