Шкендија (А) бесна на судијата Илиоски: Го нарече нашиот капитен – мајмун неписмен!
Според арачиновци, во 88. минута од пресметката, арбитарот му се обратил на предводникот на нивниот тим со скандалозни зборови: „Мајмун неписмен“. Од таборот на Шкендија Арачиново грмат поради ваквиот, наводен, уличарски речник на еден делител на правдата. Тие посочуваат дека овој испад отвора сомнежи за расизам, особено ако се земе предвид дека во тој момент на теренот настапувале и двајца темнокожи фудбалери во противничкиот состав.
„Ваквиот речник е апсолутно неприфатлив. Тензиите по мечот можеа да бидат избегнати доколку судијата покажеше професионалност и почит кон играчите. Судиите се на теренот за да делат правда, а не да ги навредуваат и провоцираат фудбалерите“, стои во реакцијата на клубот.
Капитенот Демири веќе доставил официјална писмена изјава до делегатот на мечот, а од клубот потенцираат дека за инцидентот има и сведоци. Од Шкендија Арачиново децидно бараат „Куќата на фудбалот“ да ја објави аудиоснимката од спорната 88. минута, детално да го испита случајот и жестоко да го санкционира судијата доколку овие наводи се потврдат.