Работнички е последен патник во осминафиналето од Купот на Македонија

Поранешниот шампион Работнички е последниот тим што обезбеди пласман во осминафиналето на Купот на Македонија, откако убедливо го совлада Вардар Неготино со 8-0 на гостински терен.

Скопскиот прволигаш немаше никакви проблеми против противникот од Неготино и со сигурна и ефикасна игра ја оправда фаворитската улога. Осумте погодоци се доволен показател за доминацијата на Работнички, кој со убедлив триумф го завери пласманот во следната рунда.

По два гола денеска постигнаа Богдановски и Ганиу, а по еднаш, мрежата на неготинскиот тим ја затресоа Затуроски, Алили, Подграѓа и Хасиќ.

Со овој натпревар е комплетиран списокот на осминафиналисти во најмасовното фудбалско натпреварување во Македонија. Пласман во следната фаза претходно обезбедија Струга ТЛ, Пелистер, Брера, Македонија ЃП, Вардар, Башкими, Каменица Саса, Брегалница, Шкендија Арачиново, Скопје, Охрид, Беласица и Арсими. Место меѓу најдобрите 16 има и бранителот на трофејот Силекс, кој без борба обезбеди пласман во оваа фаза.