Брера ѝ даде осум гола на Санта Колома за историја во младинската Лига на шампиони!

Младинскиот тим на Брера Струмица оствари историски успех во младинската Лига на шампионите, откако ја прегази Санта Колома од Андора со 8-0 во реваншот од првото квалификациско коло. Со вкупни 11-0 од двата натпревари, струмичани убедливо обезбедија пласман во следната рунда од европското натпреварување.

На стадионот „Младост“ во Струмица, избраниците на Ѓорѓе Стојчев одиграа фантастичен натпревар и покажаа дека не се задоволуваат само со предноста од 3-0 стекната на гостувањето во Андора. Напротив, младите фудбалери на Брера продолжија со офанзивната игра и приредија вистинска голеада пред домашната публика.

Серијата погодоци ја отвори Сејменов во 11. минута, а Шириќ осум минути подоцна зголеми на 2-0. До крајот на првото полувреме, Василев, повторно Шириќ и Ристов уште трипати ја затресоа гостинската мрежа, па Брера на паузата замина со убедливи 5-0. Ниту во продолжението немаше опуштање. Шириќ го комплетираше хет-трикот, а Тренов и Кулески се погрижија за конечните 8:0 и незаборавна вечер за струмичкиот клуб.

Овој резултат има историско значење за македонскиот фудбал. Брера стана првиот македонски клуб што успеал да мине едно квалификациско коло во младинската Лига на шампионите, потврдувајќи го напредокот на младинската школа и потенцијалот на новата генерација фудбалери. Следниот противник ќе биде германскиот Хофенхајм, што претставува значително посериозен предизвик за струмичани. Првиот натпревар ќе се игра во Струмица, а реваншот во Германија.