Се ниша фотелјата и на Дејан Јакимовски, еден месец откако стана шеф на судиите во ФФМ!

Поранешниот македонски фудбалски судија Дејан Јакимовски, кој пред нешто повеќе од еден месец стана претседател на Судискиот одбор на ФФМ, многу веројатно ќе биде разрешен на наредната седница на УО, дознаваме неофицијално.

Оваа вест е секако изненадување за познавачите на условите на мак-фудбалот, но на Јакимовски, во последнов период, му се замерувало поради тоа што работел „спротивно од интересите“ на Федерацијата и дека не постапувал согласно политиката на челните луѓе. 

Јакимовски имаше богата домашна и меѓународна судиска кариера, тој ја има делено правдата на повеќе од 500 натпревари во Првата и Втората МФЛ, а како ФИФА-судија има над 110 меѓународни натпревари. По завршувањето на активната судиска кариера, продолжи да работи во различни структури поврзани со судењето, беше член на Судискиот одбор, работеше како УЕФА-контролор, а имаше значајна улога и како ВАР-менаџер и проектен лидер при воведувањето на ВАР-технологијата во македонскиот фудбал.

Вчера, исто така неофицијално, проструи информација дека и неговиот татко Делчо Јакимовски, исто така поранешен судија, ќе биде отстранет од листата на контролори, поради незадоволство од неговата работа.