Алкараз по раната елиминација во Шангај жестоко удри по - Кинезите!

Шпанскиот тенисер, Карлос Алкараз, неочекувано рано беше елиминиран од Мастерсот во Шангај, откако загуби во третото коло, по што изрази огромно незадоволство од сопствената игра, но и од условите на теренот, барајќи од кинеските организатори детално да истражат што се случува.

Тој за време на мечот постојано се жалеше на отскокот на топчињата, потенцирајќи дека условите биле драстично поразлични во споредба со неговиот прв меч против Хуан Мануел Серундоло, како и за време на тренинзите. Неговата нервоза кулминираше откако го загуби својот сервис при резултат 5-5 во првиот сет. Тогаш на својот тим му порача дека топчињата по ударите на противникот отскокнуваат различно, поради што не може да го пронајде вистинскиот ритам.

„Искрено, само во првото коло имав впечаток дека теренот навистина беше брз. Денес го немав истото чувство. Малку е чудно што за само два дена можам да имам толку поразличен впечаток за теренот и условите. Во првото коло играв под затворен покрив, а сега на отворено. Чувството беше поинакво. Во првото коло теренот беше баш брз, додека денес топчето делуваше поголемо, а теренот беше малку побавен. Не знам зошто е тоа така. Чудно е. Мислам дека организаторите би требало да испитаат за што се работи“, изјави Алкараз по поразот.

Шпанецот беше видно разочаран по раната елиминација, а во својата анализа се осврна и на неколку ситуации во кои, според неговото мислење, Бергс имал и доза на спортска среќа која влијаела на конечниот исход.