Томовски блеска во Бундеслигата - втор е по бројот на одбрани (ФОТО)

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски блеска во германската ракометна Бундеслига и се наметнува меѓу најдобрите чувари на мрежата во елитното натпреварување.

Според статистиката за сезоната 2026/27, Томовски, кој го брани голот на Битигхајм, се наоѓа на второто место на листата на голмани со најмногу одбрани. Македонецот има забележано 83 одбрани на седум натпревари, со успешност од 26,95 проценти.

Пред него е само Давид Шпет од Рајн-Некар Левен, кој има 103 одбрани на осум средби. Томовски, пак, е пред голем број етаблирани голмански имиња во германскиот ракомет, меѓу кои и Андреас Волф од Кил, кој има 76 одбрани.

Одличните бројки на македонскиот голман добија дополнителна потврда и на последниот натпревар. На гостувањето кај Гепинген, Томовски запиша 13 одбрани и беше еден од најзаслужните за победата на Битигхајм од 29-25. Со овој триумф, неговиот тим ја прекина серијата од шест порази и стигна до исклучително важни бодови. На врвот на статистичката листа е Давид Шпет, кој покрај најголемиот број одбрани има и подобра успешност. Германскиот репрезентативец имаше извонреден септември, кога со своите настапи ја освои и наградата за најдобар играч во Бундеслигата за месецот.

За македонската репрезентација е особено значајно што Томовски се наоѓа во друштво на најдобрите голмани во едно од најсилните национални првенства во светот. Во јануари, нашиот национален тим го очекува нов настап на Светско првенство, а се наоѓа во група со Исланд, Бахреин и Јапонија.