Роналдо пак ја вергла истата приказна: Јас сум најголемиот во историјата - и точка!
Роналдо не го крие незадоволството од начинот на кој се следи неговиот голгетерски учинок. Според него, бројката од 1.000 голови не треба да биде единствената тема кога станува збор за неговите настапи.
„Луѓето не го ценат доволно она што го правам во моментов, моите голови. Повеќе ги интересира колку голови ми остануваат до бројката од 1.000. Не ми се допаѓа тоа, навистина не ми се допаѓа. Работите треба да се случуваат природно. Без разлика дали ќе постигнам 920, 925 или 930 голови...“, истакна Роналдо.
Португалецот потоа беше уште подиректен кога зборуваше за своето место во фудбалската историја.
„Јас сум најголемиот во историјата. Точка. Кога станува збор за постигнувањето голови, бројките зборуваат сами за себе“, порача капитенот на Португалија.
Според извештаите на Си-ен-ен Португалија и други медиуми кои ги пренесоа неговите изјави, Роналдо сака да продолжи да игра и да ужива во фудбалот, без да биде оптоварен со конкретна бројка. Воедно, тој нагласи дека не сака да тврди оти мора да стигне до 1.000 голови, иако евентуалното достигнување на таа граница би било фантастичен успех.
„Нема да седнам тука и да кажам дека морам да постигнам 1.000 голови. Ако стигнам до таа бројка, прекрасно“, е пораката на португалската ѕвезда.
Роналдо, кој зад себе има кариера во Спортинг Лисабон, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус, а сега настапува за Ал Наср, со години ги поместува границите во светскиот фудбал. Неговото ривалство со Лионел Меси останува едно од најголемите во историјата на спортот. Додека Роналдо ја истакнува голгетерската статистика како главен аргумент, Меси има свои адути, меѓу кои осумте „Златни топки“, титулата светски шампион со Аргентина, но и фактот што е фудбалер со најмногу трофеи во историјата на фудбалот.