Луд натпревар во Шведска - 11 гола во едно полувреме и погодок за победа во 99. минута! (ВИДЕО)
Натпреварот долго време не навестуваше ваква голеада. По првите 45 минути мрежите мируваа, но второто полувреме донесе вистински фудбалски хаос, со пресврти, неверојатни моменти и драматична завршница.
Бромапојкарна во еден момент имаше убедливо водство од 5-1, резултат кој беше актуелен во 73. минута. Се чинеше дека гостите сигурно ќе стигнат до трите бода, но АИК не се предаде и започна спектакуларен камбек. Домашниот тим постигнуваше гол по гол, а атмосферата на трибините стануваше сè пожешка. Предноста на гостите се топеше, а кога АИК во осмата минута од продолжението успеа да израмни на 5-5, изгледаше дека ќе направи еден од најголемите пресврти во сезоната.
Но, следуваше нов шок!
Речиси веднаш по израмнувањето, Бромапојкарна тргна во напад и успеа да ја затресе мрежата за конечни 6-5 во 99. минута. Радоста на гостите беше огромна, додека домашните фудбалери останаа во неверување по драматичниот расплет.
Неверојатно е што сите 11 погодоци беа постигнати во второто полувреме, а последните два гола паднаа во самата завршница, кога се чинеше дека АИК успеа да се спаси од пораз.