Шоу на Меси и Суарез, Интер Мајами се врати на победничките патеки (ВИДЕО)
Домашниот тим уште од самиот почеток покажа дека е решен да ги освои трите бода. Резултатот беше отворен веќе во третата минута, кога Луис Суарез со атрактивна завршница го искористи прецизното додавање на Херман Бертераме и донесе водство за Интер Мајами.
Уругвајскиот напаѓач повторно се запиша меѓу стрелците во 39. минута. По ударот на Меси и интервенцијата на противничкиот голман, топката стигна до Бертераме, кој со глава му асистираше на Суарез за неговиот втор погодок на натпреварот и предност од 2-0.
На стартот од второто полувреме на сцената стапи и Лионел Меси. Во 47. минута, по одличната акција со Суарез, аргентинскиот ас ја затресе мрежата за 3-0 и практично го реши прашањето околу победникот. Конечниот резултат беше поставен во 60. минута, кога Меси со карактеристичен потег се ослободи од противничкиот дефанзивец и со прецизен удар го постигна својот втор гол на средбата.
Со оваа победа Интер Мајами ја прекина серијата од пет последователни натпревари без триумф во првенството и ја оствари првата победа по 30 август. Тимот стигна до 49 бода и се искачи на второто место во Источната конференција, додека Ди Си Јунајтед остана на 12. позиција со 30 бода.
Меси и Суарез уште еднаш покажаа дека нивната фудбалска хемија е еден од најсилните адути на Интер Мајами, а убедливиот триумф доаѓа во вистински момент за тимот кој сака да ја заврши сезоната во силен ритам. Аргентинецот е прв стрелец во МЛС со 23 гола.