МЗТ Скопје продолжува победнички, аеродромци славеа и во Гевгелија

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со добрите резултати на домашна сцена. Актуелниот шампион славеше на гостувањето кај Кожув со 81-73 и ја забележа втората победа во исто толку натпревари во Суперлигата откако претходно славеше и во Суперкупот.

Кошаркарите на Васко Атанасов ја оправдаа фаворитската улога на гостувањето во Гевгелија, но мораа да вложат сериозен напор против мотивираниот домаќин. Клучниот момент во првото полувреме се случи во неговиот финиш, кога скопскиот тим направи серија од 10-2 и го презеде водството, заминувајќи на одмор со минимални 41-40. Претходно Кожув го диктираше темпото и се закануваше дека може да направи ново изненадување против шампионот, нешто слично како минатата сезона.

МЗТ потоа го задржа потребното ниво на игра и во продолжението, па со поискусна и порутинска завршница стигна до посакуваниот триумф од осум поени разлика.

Најдобри поединци во победничкиот состав беа Андреј Маслинко и Димитрије Николиќ, кои постигнаа по 19 поени. Маслинко додаде и осум скока, додека Николиќ имаше шест скока.

Кај Кожув, Армстронг беше најефикасен со 17 поени, а Бурис постигна еден помалку. За гевгелискиот тим, кој во првото коло славеше на гостувањето кај Скопје со 101-95, ова е првиот пораз во новата сезона.

Победата во Гевгелија доаѓа меѓу двата европски предизвика на МЗТ Скопје. Аеродромци сега се насочуваат кон домашниот дуел со Тарту, во среда, во рамките на второто коло од ФИБА Европа купот.