„Јамал не би бил стартер во Барселона од 2012 година“

Поранешниот фудбалер на Барселона, Кристијан Тељо, привлече големо внимание со изјавата дека Ламин Јамал не би бил стартер во тимот на каталонскиот гигант од 2012 година.

Во разговор за шпанскиот спортски весник „Спорт“, Тељо зборуваше за актуелната генерација на Барселона, а посебна тема беше на Јамал.

Иако не го оспорува извонредниот квалитет на младиот шпански репрезентативец, поранешниот играч на Каталонците смета дека Јамал би имал сериозни проблеми да се избори за место во стартниот состав на Барселона од пред 14 години.

„Мислам дека не би бил стартер. Тешко ќе му беше да се избори за тоа место. Верувам дека ќе го достигнеше нивото на кое игра денес, но ќе му беше комплицирано“, изјави Тељо.

Неговите зборови предизвикаа бројни реакции, особено меѓу навивачите на Барселона, кои сметаат дека Јамал веќе припаѓа на самиот светски фудбалски врв.

Сепак, Тељо ја темели својата процена на жестоката конкуренција што владееше во нападот на каталонскиот клуб пред речиси деценија и половина.

Да потсетиме, во 2012 година Барселона во нападот ги имаше Лионел Меси, Давид Виља, Педро Родригез и Алексис Санчез.