Модриќ се враќа во Реал, веќе разговарал со Перез
Според информациите на италијанскиот „Кориере дело Спорт“, кои ги пренесоа и хрватските медиуми, главна тема на разговорот била иднината на Модриќ и можноста тој повторно да стане дел од мадридскиот гигант по завршувањето на играчката кариера.
Модриќ во тренинг-комплексот Валдебебас поминал неколку часа, а го напуштил околу 21:20 часот, по што се упатил кон Милано за да им се приклучи на соиграчите. Неговата посета беше забележана и од шпанската телевизиска емисија „Ел Чирингито“, која објави снимка од заминувањето на хрватскиот фудбалер. Модриќ никогаш не ја криел поврзаноста со Реал, клубот во кој помина 13 години и освои бројни трофеи. Во неодамнешна изјава тој отворено зборуваше за желбата еден ден да се врати во Мадрид.
„Реал Мадрид е мојот дом. Таму поминав 13 години. Веќе кажав дека би сакал да бидам корисен и да помогнам колку што можам, но морам да се подготвам и да видам каква би била таа улога и дали клубот го сака тоа“, изјави Модриќ.
Засега не е познато каква функција би можел да добие во Реал, ниту дали е постигнат конкретен договор. Информациите за разговорот со Перез се повикуваат на италијанските медиуми, а мадридскиот клуб официјално не ги потврди деталите од средбата.