Линекер до Манчестер Сити: Прифатете ја грешката за доброто на фудбалот!

Коментирајќи ја актуелната и исклучително тешка ситуација во која се наоѓа Манчестер Сити поради повеќекратното прекршување на финансиските правила на Премиер лигата, познатиот англиски голгетер и ТВ-аналитичар Гери Линекер изнесе остри ставови и го повика раководството на клубот да преземе одговорност.

Линекер истакнува дека целата ситуација исклучително лошо влијае врз имиџот на Премиер лигата и англискиот клупски фудбал, како и врз светскиот фудбал воопшто.

„Очигледно е дека ова изгледа многу лошо за Манчестер Сити. Навистина е така, а лошо е и за самиот фудбал. Би сакал Манчестер Сити конечно да преземе одговорност и да каже: ‘Во ред, згрешивме, но за доброто на фудбалот ќе ја прифатиме секоја казна што ќе ни биде изречена и ќе продолжиме понатаму.’ Мислам дека тоа би било спасоносно и дека би им помогнало барем малку да си го зачуваат образот, иако во моментов тоа не изгледа веројатно.“

Осврнувајќи се на честите приказни во јавноста за наводни „теории на заговор“ против клубот од „Етихад“, Линекер ги отфрла таквите тези и нагласува дека Премиер лигата никогаш свесно не би сакала вакви скандали кои ја нарушуваат вредноста на натпреварувањето.

Говорејќи за можните ригорозни санкции, вклучително и за шпекулациите за одземање на претходно освоените титули во спорниот период, Линекер изрази жалење првенствено кон играчите и навивачите:

„Не би се изненадил ако сè тргне во таа насока. Но, на крајот на краиштата, кој најмногу страда поради тоа? Играчите и навивачите. Тие не се виновни за ништо, а во вакви ситуации секогаш навивачите се тие кои најмногу страдаат.“