Eкс-уредник на „Франс Фудбал“ до Мбапе: „Златната топка“ се заслужува, не се бара!

Поранешниот уредник на „Франс Фудбал“, Паскал Фере, даде интервју за шпанска „Марка“ во кое зборуваше генерално за „Златната топка“, но и за кандидатите за освојување, Ламин Јамал и Килијан Мбапе.

Главен уредник на „Франс Фудбал“ беше до 2023 година, а сега живее повлечено, па најде време да разговара за наградата која предизвикува многу контроверзии, особено оваа сезона.

Имено, според последните информации, триото Јамал, Мбапе и Хари Кејн се главни фаворити, а самиот Фере изјави дека кампањата на Французинот е огромна во споредба со ѕвездата на Барселона.

„Според мое мислење, „Златната топка“ не се бара, туку се заслужува, а од разговорите со некои членови на жирито со кои сè уште сум во контакт, знам дека тие работи немаат никакво влијание. Тоа се целосно независни луѓе со искуство и нема потреба некој да им кажува за кого да гласаат. Искрено, верувам дека кампањата на Килијан немаше никаква цел. Но, ќе видиме на 26 октомври, во ноќта кога ќе бидат објавени резултатите“, порача тој за „Марка“.

Тој истакна дека оваа година лично не би гласал за Мбапе, иако станува збор за врвен фудбалер.

„Причината е тоа што на листата од 30 номинирани, тој е еден од ретките кои не освоија ниту еден трофеј со клубот. Чудно е некој да биде најдобар играч во светот без ниту еден освоен трофеј во сезоната. Секако дека е одличен играч, но не сум сигурен дека „Златната топка“ ќе му припадне на некој кој не освоил ниту еден клупски трофеј во својата земја, ниту пак Светско првенство. Фудбалот и понатаму е колективен спорт, а фактот што не сте успеале да освоите ништо значи дека не сте биле доволно силни. Тоа е моето размислување“, беше јасен тој.

На крајот се осврна и на ривалството меѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо, издвојувајќи го периодот од 2008 до 2017 година. Тој истакна дека двајцата ја монополизирале „Златната топка“.

„Едноставно беа најдобри во светот. Беа како вонземјани.“