Роналдо откри зошто ја напушти репрезентацијата: Жесус си го прекрши зборот!
Португалецот откри дека по завршувањето на Мундијалот размислувал да се повлече од репрезентацијата, но претседателот на Португалската фудбалска федерација го убедил да продолжи.
„Како што ветив, решив лично и директно, во прво лице, да ги раскажам околностите поврзани со последниот собир на репрезентацијата. По Светското првенство во 2026 година подготвив писмо до португалскиот народ, кое сè уште го чувам, со зборовите што сакам да им ги упатам кога засекогаш ќе ја напуштам репрезентацијата.
На крајот од натпреварувањето, уште во авионот на враќање од Соединетите Американски Држави, претседателот на Федерацијата ме замоли и инсистираше да ја преиспитам одлуката да заминам, бидејќи сакаше да продолжам.
Веднаш потоа ме праша за мислење за името на актуелниот селектор, кој го разгледуваше заедно со други имиња кои не ми ги откри. Му кажав на претседателот на Федерацијата дека, според мое мислење, тоа би бил вистинскиот избор. Затоа, на денот кога беше претставен актуелниот селектор, искрено бев среќен поради изборот. Тоа беше вистинската опција, што резултатите и го потврдуваат.
Неколку дена подоцна бев контактиран од новиот селектор на репрезентацијата, кој сакаше да се сретне со мене лично. Се согласив и ја договоривме средбата за крајот на мојот одмор. Тој ми кажа дека смета на мене и дека моето присуство е од клучно значење за неговиот проект. Таму ми претстави и план за моето учество. Ми кажа дека ќе го играм првиот и последниот натпревар.
Во тој момент ја отвори можноста да не патувам со репрезентацијата во Норвешка и Данска. Предложи да го одиграм првиот натпревар и да останам во Португалија, а потоа повторно да се приклучам пред натпреварот на „Драгао“. Веднаш го одбив овој предлог. Ми изгледаше очигледно дека не можам да го прифатам. Не стануваше збор за тоа дали ќе ги играм натпреварите во странство, туку дека не би престанал да ја предводам нашата репрезентација како капитен.
Во пресрет на почетокот на собирот, селекторот дојде во мојот дом во Лисабон, на негово барање, за уште еден разговор со мене. Разговорот беше мирен и сите принципи договорени во август останаа непроменети.
Го одиграв натпреварот на „Алваладе“ и, иако бев заменет, не направив никаков проблем. Сам му ја предадов капитенската лента на Бруно Фернандеш, ни најмалку замислувајќи дека можеби ги правам последните чекори како играч и капитен на репрезентацијата. Најважно за мене тој ден беше нашата победа. Победата секогаш е добра, а за Португалија и за мојата земја уште повеќе.
На ручекот на денот на натпреварот во Норвешка, еден од помошниците на селекторот дојде до масата на која беше целата група и ме извести дека селекторот сака да разговара со мене.
На мое огромно изненадување, селекторот ме праша дали сум подготвен да одиграм 30 минути. Бев целосно фокусиран на физичкото опоравување и мислев дека тој ден нема да играм. Немав никаков проблем со тоа.
Ова барање беше надвор од мојот план за физичко опоравување и тренинзи бидејќи требаше да играм само на „Драгао“, но секако дека се согласив. Тој ми одговори дека тогаш треба да бидам подготвен бидејќи ќе играм 30 минути. Останатото на сите им е познато. Се загревав од полувремето, ги гледав минутите како минуваат и не бев повикан. Селекторот не го одржа својот збор кон мене“, објасни Роналдо.
Фото: Facebook/Seleções de Portugal