„Ова не е зае*анција, ова е високо ниво, па видете го само говорот на телото каков ни е...“
Дефанзивецот на Македонија, Висар Муслиу кажа дека треба да се променат многу работи во играта на селекцијата за конечно работите да тргнат на подобро.
„Имавме добар почеток, но голот на стартот на Шкотска нè деконцентрираше. Постоеше дел од натпревар во кој го контролиравме темпото, но очигледно не беше доволно да направиме нешто повеќе. Треба многу работи да се променат. Овие натпревари се на највисоко ниво во европскиот фудбал. Репрезентацијата не е зае*анција, ова е највисоко ниво на европскиот фудбал… Ова е Лига-Б каде што има сериозни фудбалери и репрезентации. Како влегуваме во натпреварите во изминатиот период очигледно не е доволно. Видете го само говорот на телото. Не оди во добар правец во моментов, треба да промениме многу работи. Треба да ставиме прст на глава, како екипа да се анализираме самите себе и да направиме сè што можеме за да стигнеме до добар резултат“, кажа Муслиу.
Следен предизвик за Македонија е Швајцарија со која играме за три дена во Луцерн.