Почина навивачот на прилепска Победа, кој сакаше да се самозапали за спас на клубот!

Поранешниот шампион на Македонија Победа остана без еден од своите најверни навивачи. Кире Иваноски – Балче денеска почина на 70-годишна возраст, по долго боледување.

Името на Победа со децении беше неразделно поврзано со прилепчаните кои го полнеа Градскиот стадион „Гоце Делчев“, а меѓу нив посебно место имаше Иваноски, кој и во најтешките моменти за клубот остануваше негов верен поддржувач.

И покрај тешката здравствена состојба, Кире редовно присуствуваше на натпреварите на Победа, а во јавноста особено остана запаметен по својата емотивна порака од пред неколку месеци, во периодот кога постоеше опасност прилепскиот клуб да не продолжи со натпреварувањето во пролетниот дел од сезоната. Тогаш Иваноски преку социјалните мрежи испрати драматична порака, со која ја покажа својата силна приврзаност кон клубот и незадоволството од можноста Победа да престане да се натпреварува.

„Излегувам од болница Отешево и доаѓам в сабота на натпреварот Победа – Новаци. Во спротивно земам збогум со моите прилепски фудбалџии и се самозапалувам на центарот на фудбалскиот храм, Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп! Нема сила што може да ме спречи! Амин!!! Збогум! Се за Победа! Победа вечна, народе мој! Животот мој зависи од Победа Прилеп и од вас, фудбалџии мои драги и мили! Амин!“, објави тогаш Иваноски на Фејсбук.

 

 

Иваноски беше и меѓу прилепчаните кои редовно се собираа во центарот на градот за да го искажат незадоволството од состојбата во која се најде клубот.

Од Победа со почит ќе се простат од својот верен навивач. На утрешниот натпревар против Големо Коњари, кој е закажан за 15:30 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, ќе биде одржана едноминутна почит во негова чест.