Aџиќ ја води Црна Гора кон „Б“ дивизијата во Лигата на Нации

Фудбалската репрезентација на Црна Гора продолжува со максимален ефект во „Ц“ Лигата на нации откако стигна до третата победа во исто толку натпревари 

Црногорците вечерва во Рига ја совладаа Летонија со 2-1 и со девет освоени бодови се зацврстија на врвот во групата 2.

Зад нив е Кипар со пет бода помалку, додека Ерменија има три бода. Само првопласираната селекција во групата ќе обезбеди директен пласман во Б-дивизијата во следното издание на Лигата на нации.

Црна Гора рано го отвори резултатот. Во третата минута, по одличната акција и прецизното додавање од Радуновиќ, Василије Аџиќ ја затресе мрежата на домаќините за 1:0.

Младиот Аџиќ беше повторно прецизен во 56. минута. Акцијата започна уште од половината на Црна Гора, а заврши со неговиот втор погодок на натпреварот за водство од 2-0. Летонците во самиот финиш успеаја да намалат преку Стродс во 82. минута, но немаа сили за целосен камбек.

На останатите две средби од оваа дизвија кои се играа во истиот термин, Кипар беше подобар од Ерменија со 2-0 и Молдавија славеше на гости кај Казахстан со 2-1.