Ѓоковиќ израмни голем рекорд на Надал, а може и веднаш да го урне!

Новак Ѓоковиќ продолжи со неверојатната серија во Пекинг и со победата над Јунчокете Бу израмни рекорд на Рафаел Надал.

Српскиот тенисер со пресврт откако го загуби првиот сет го совлада домашниот претставник и се пласираше во четвртфиналето на АТП 500 турнирот во Пекинг. Ѓоковиќ сега има неверојатен скор од 31 победа и ниту еден пораз во Пекинг.

Со тоа го израмни рекордот на Рафаел Надал, кој од своето деби во 2005 година на Ролан Гарос нанижа 31 победа, пред во 2009 година во осминафиналето да биде запрен од Робин Содерлинг.

АТП уште во 2015 година ја наведуваше серијата на Надал од 31-0 на Ролан Гарос како најдолг победнички старт на еден тенисер на официјален турнир. Сега Ѓоковиќ стигна до истиот број.

Во четвртфиналето каде што најверојатно ќе игра против Александер Зверев, Ѓоковиќ ќе има можност и да сам да го преземе рекордот.

Фото: ATP Tour