Роналдо направил бура во репрезентацијата - не сака да тренира со соиграчите

Кристијано Роналдо повторно е во центарот на вниманието во репрезентацијата на Португалија, откако капитенот не тренираше со соиграчите пред натпреварот против Данска во Копенхаген.

Според португалските медиуми, 41-годишниот напаѓач на Ал Наср го напуштил стадионот и се вратил во хотелот, каде што го одработил индивидуалниот тренинг во теретана. Од Португалската фудбалска федерација било објаснето дека на стадионот немало соодветни услови за планираната програма, па Роналдо продолжил со работата во хотелот, но тамошните медиуми тврдат дека тоа не е сосема точно бидејќи суперѕвездата уште му е лута на селекторот.

Ситуацијата доаѓа само неколку дена по необичниот натпревар против Норвешка. Португалија славеше со 2-1 во Осло, но Роналдо не доби ниту една минута на теренот, иако според селекторот Жорже Жезус бил подготвен за настап. Тоа беше редок момент во неговата репрезентативна кариера, бидејќи Роналдо не влезе во игра иако беше меѓу резервите. Жезус по натпреварот објасни дека првично планирал напаѓачот да добие околу 30 минути, но текот на мечот го променил неговиот план.

Во меѓувреме, претседателот на Португалската фудбалска федерација, Педро Проенса, отпатувал во Копенхаген, каде што се сретнал со Роналдо и Жезус. Средбата доаѓа во период кога повторно се отвораат прашања за иднината на капитенот во националниот тим по Светското првенство во 2026 година. Роналдо по победата над Норвешка не даде јавна изјава за ситуацијата. Наместо тоа, на социјалните мрежи објави фотографија со португалското знаме и срце.