Македонија не покажа ништо, Швајцарија ги однесе бодовите од Скопје (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија со пораз од 0-3 против Швајцарија во Скопје ја почна новата сезона во „Б“ Лигата на Нации.

Швајцарците денеска едноставно покажаа дека се далеку поквалитетна репрезентација од Македонија, доминираа од почетокот до крајот на натпреварот, а ние не упативме ниту една сериозна закана кон противничкиот гол.

Првиот удар за нас го зададе фудбалерот на Олимпијакос, Фројлер кој го отвори резултатот во 22. минута од средбата, само некоја минута подоцна погодена беше и стативата од голот на Димитриевски.

Македонија само на моменти знаеше да премине на противничката половина, но без посериозна прилика за гол. Пред крајот на првото полувеме, Амдуни во 41-та минута постигна гол и за водство на Швајцарија од 2-0.

Ништо не се промени ниту по враќањето на Македонија од паузата, судијата на Шлагер на стартот од вториот дел му покажа директен црвен картон на Гаштаров, но по реакција на ВАР одлуката беше смената и дебитантот во нашата селекција остана на теренот.

Конечниот резултат го постави Амдуни со вториот гол на средбата на 15-тина минути пред крајот.

За Македонија сега останува да се подготвува за натпревароот против Словенија кој го играме во Љубљана за три дена и во него ќе се обидеме да дојдеме до првите бодови. Исто така денешниот дуел беше и петти со новиот селектор на клупата Гоце Седлоски на кој не постигнавме гол.