„Мораше да има ма*иња порано да го замени катастрофалниот Левандовски!“

Фудбалската репрезентација на Полска не ја оправда апсолутната фаворитска улога, одигрувајќи бледо реми без голови против селекцијата на Босна и Херцеговина (БиХ) на отворањето од новиот циклус во Лигата на нации.

Иако полските фудбалери диктираа темпо и креираа повеќе шанси во текот на второто полувреме, тие не најдоа рецепт за разбивање на одлично организираниот босански бедем кој сосема заслужено замина со огромен бод од ова тешко гостување. Неочекуваниот кикс предизвика бура од незадоволство кај полската спортска јавност, а најострите критики беа директно вперени кон селекторот Јан Урбан.

Поранешниот полски репрезентативец Томаш Хајто без влакна на јазикот го нападна предводникот на националниот тим поради неговата пасивност и задоцнетите тактички промени, со посебен акцент на третманот кон најголемата ѕвезда Роберт Левандовски. Напаѓачот на Барселона одигра катастрофален натпревар и беше целосно отсечен од играта, но Урбан го задржа на зелениот терен речиси до самиот крај, повлекувајќи го дури во 87. минута од средбата.

„Не сакам да го кажам ова, но ако е 60. минута, а Левандовски не игра како што се очекува од него, тогаш треба да го извадиме. Тимската хемија е поважна од поединецот. Потребно е малку да имате ма*иња за порано да се направи таква промена“, изјави револтираниот Хајто, отворено обвинувајќи го селекторот за недостаток на храброст.

Ова бледо издание само ги подгреа критиките кон капитенот Левандовски, кој повторно се најде под лупата на аналитичарите поради уште еден настап без конкретен и забележителен учинок во државниот дрес.