Хаос на натпревар во Боливија: Голман одби да брани пенал (ВИДЕО)

Неверојатна ситуација се случи во Боливија, на натпреварот од Купот меѓу Атлетико Индепендиенте од Кочабамба и Вилстерман Кооператива.

Натпреварот влезе во судиското надополнување, а резултатот беше 2-2. Домашниот тим беше во напад, кога Аргентинецот на голот на гостите во три наврати фантастично интервенираше и ја зачува својата мрежа.

Сепак, судијата Карлос Артеага покажа на белата точка и досуди пенал за Индепендиенте, а потоа настана целосен хаос. Речиси 20 минути траеше прекинот, во кој гостите се обидуваа да го убедат судијата дека погрешил, но тој не ја промени одлуката.

Тогаш на сцена стапи голманот на Вилстерман, Густаво Тесоноте, кој едноставно одби да го брани пеналот. Прво стоеше свртен со грбот кон теренот за потоа се потпре на стативата и само гледаше како Ернест Адири ја испраќа топката во мрежата за победа на Индепендиенте.

По натпреварот се покажа и дека голманот бил во право затоа што реагираше Фудбалскиот сојуз на Боливија кој потврди дека немало елементи за најстрога казна, па главниот судија доби суспензија.