Винисиус поминува низ најголемата криза од неговото доаѓање во Реал Мадрид

Бразилецот Винисиус Жуниор минува низ еден од најтешките периоди откако го носи дресот на Реал Мадрид.

Како што пренесува мадридски „АС“, бразилското крило е целосно свесно дека моментално е далеку од препознатливата форма и по лошото издание во градското дерби против Атлетико Мадрид бара начин да ја сврти ситуацијата во своја корист.

Реал минатиот викенд загуби со 2-1 на „Метрополитано“, а Винисиус мораше да го напушти теренот уште во 54. минута. Во моментот кога беше заменет, неговиот тим губеше со 1-0 и играше со фудбалер помалку.

Според информациите, ситуацијата силно го погодила Бразилецот од минималниот придонес на теренот, па сè до одлуката на тренерот да го повлече од игра уште во раната фаза од второто полувреме.

Според извори на „АС“, Винисиус е првиот кој отворено признава дека неговите актуелни настапи се далеку под нивото што се очекува од него.

„АС“ нагласува дека сегашните проблеми не треба да се мешаат со претходниот период на заладени односи со поранешниот тренер Чаби Алонсо. Тогаш проблемот беше во односот тренер-играч, додека сега станува збор исклучиво за неговите игри и формата на теренот.

Винисиус моментално минува низ тежок период бидејќи е свесен дека неговата игра е далеку под нивото на кое знае и може да биде, но и под очекувањата на навивачите на Реал Мадрид, кои во него гледаат еден од клучните играчи на тимот.