Скандал во хрватскиот фудбал: Се истражува зделка од 80 милиони евра!
Според досега објавените информации, имајќи предвид дека УСКОК засега јавно не соопштил детали, фокусот на проверката наводно е договорот меѓу ХНС и „Адидас“, како и прашањето за евентуални провизии и нивните приматели. Посебно се проверува дали таквите исплати би биле дозволени доколку парите би оделе кај вработени во ХНС.
Документите, според достапните информации, биле побарани уште пред неколку месеци, а сега бил побаран и записникот од одлуката на Извршниот одбор донесена минатата недела.
„Спортске новости“ објавија текст во кој се наведени делови од разговорот со еден од поискусните членови на Извршниот одбор на ХНС, кој инсистирал да остане анонимен.
„Извршниот одбор во четвртокот донесе заклучок дека никој нема право на провизија поврзана со договорот со Адидас. Станува збор за технички спонзор, ХНС има таков углед што може да избере дали ќе носи дресови на Адидас, Најк, Пума или на кого сака, за тоа не ни беше потребен посредник, па провизија никому не му е исплатена и никогаш нема да биде. Договорот со Адидас директно го договорија претседателот на ХНС, Маријан Кустиќ, и тогашниот генерален секретар Томислав Светина. Во тој процес немаше посредник“, изјавил неименуваниот извор за „Спортске новости“.
Позната е и приближната вредност на десетгодишниот договор со „Адидас“. Вкупната вредност на зделката наводно изнесува околу 80 милиони евра, но таа сума не претставува исклучиво паричен надомест, бидејќи дел од вредноста го сочинува и спортската опрема.