Јувентус казнет со 10.000 евра за идиотското однесување на навивачите

​Јувентус е казнет со 10.000 евра поради однесувањето на дел од навивачите за време на минутата молк во чест на легендарниот италијански фудбалер Сандро Мацола.

Мацола почина на 83-годишна возраст, а во негова чест пред натпреварите од Серија А беше одржана минута молк. Сепак, пред дуелот меѓу Јувентус и Аталанта на „Алијанц стадионот“, дел од навивачите од јужната трибина одлучија да не ја почитуваат.

Група од нив го свртеа грбот кон теренот и започнаа да пеат песни посветени на легенди на Јувентус, наместо да учествуваат во оддавањето почит кон Мацола. Останатиот дел од публиката реагираше со аплауз, со што се обиде да го надгласа однесувањето на малата група навивачи.

Дисциплинската комисија на Серија А одлучи Јувентус да биде санкциониран со парична казна од 10.000 евра. Казната била ублажена поради брзата реакција на клубот, кој јавно се огради од однесувањето на навивачите, како и поради реакцијата на останатиот дел од публиката. Од Јувентус веднаш порачаа дека никакво ривалство не може да биде оправдување за непочитување за време на комеморативна минута молк.