Николас Батум по 18 години поминати во НБА ја заврши кариерата (ВИДЕО)

Николас Батум одлучи на 37-годишна возраст да стави крај на професионалната кошаркарска кариера

Французинот ја соопшти одлуката преку социјалните мрежи и така стави точка на кариерата долга речиси две децении, во која остави значаен белег во НБА-лигата и репрезентацијата на својата земја.

Батум во НБА пристигна во 2008 година, кога Хјустон Рокетс го избра како 25. пик на драфтот, но веднаш беше испратен во Портланд Трејл Блејзерс. Во НБА помина вкупно 18 сезони, а покрај Портланд настапуваше и за Шарлот Хорнетс, Лос Анџелес Клиперс и Филаделфија. Последниот ангажман го имаше во редовите на Клиперс.

Најдобрите денови ги помина во Портланд и Шарлот, каде што беше еден од најкомплетните крилни играчи и важен дефанзивец. Во НБА-кариерата одигра повеќе од 1.000 натпревари, со просек од околу 10 поени, 4,5 скока и 3 асистенции по натпревар.

Посебно поглавје во неговата кариера беше репрезентацијата на Франција. За националниот тим настапуваше од 2009 година, а учествуваше на четири Светски првенства, четири Европски првенства и четири Олимписки игри. Во репрезентативната кариера освои дури седум медали.

Со Франција беше европски шампион во 2013 година, додека освои сребро на Европските првенства во 2011 и 2022 година, како и бронзени медали во 2015 година и на Светските првенства во 2014 и 2019 година. Посебно ќе ги памети Олимписките игри, бидејќи со Франција освои сребро во Токио во 2021 година и во Париз во 2024 година.