Струга за само пола час го растури Арсими – хет трик на Радески!
Херој на натпреварот беше Марјан Радески, кој постигна хет-трик во второто полувреме, кое беше целосно во знакот на домаќините откако гостите од Чегране останаа со играч помалку поради црвениот картон кој го заработи Мислими. Натпреварот започна со доминација на Струга, која имаше шанси уште од самиот старт. Во 22. минута, по една мешаница во шеснаесетникот, топката се одби од Бојку и заврши во мрежата, но главниот судија Ќерими го поништи погодокот по консултација со ВАР системот поради офсајд позиција. До крајот на првиот дел, гостинскиот голман Силјановски беше најзаслужен што мрежите мируваа, бранејќи ги сите обиди на домашните фудбалери.
Голеадата почна во 57. минута кога Радески шутираше од далечина, а лизгавата топка поради дождливото време му побегна од рацете на Силјановски за водство од 1-0. Откако Мислими беше исклучен, следеше дебакл за Арсими. Радески во 66. минута со глава го удвои водството по центаршутот на Хамза, а само три минути подоцна Алтин Алији стрелаше за 3-0. Радески својот хет-трик го комплетираше во 75. минута. Иако Струга потоа ги повлече главните фудбалери од игра, високата победа ја заокружија нововлезениот Флоријан Рочи и капитенот Буњамин Шабани за конечни 6-0.
Во следното коло, Струга гостува кај Башкими, додека Арсими ќе го пречека Силекс.