На чекор до медал: Боксерот Рустемовски гази сè пред себе на ЕП во Софија!

Македонскиот боксер, Ален Рустемовски, продолжува со одличните настапи на Европското првенство (ЕП), кое се одржува во Софија, откако забележа уште една голема победа и обезбеди пласман во четвртфиналето на турнирот.

Во денешната осминафиналната борба, македонскиот претставник славеше во пресметката со англискиот боксер Вилијам Хјуит со судиска одлука од 4-1, со што дојде на само една победа од освојување на медал. Пласманот меѓу осумте најдобри значи дека Рустемовски е на чекор до најмалку бронзено одличје, што би претставувало најголем успех во неговата досегашна спортска кариера.

Следниот предизвик за македонскиот боксер е закажан за задутре (среда), кога ќе има можност да направи уште еден голем чекор на шампионатот. Со триумфот над Хјуит, Рустемовски заработи дополнителни 150 рејтинг-поени. Тежината на овој успех дополнително ја нагласува податокот дека на ЕП во Софија настапуваат околу 400 боксери и боксерки од вкупно 40 земји.