Гаштаров: Ќе оставиме срце на терен за Македонија, од дете сонував за ова!

Македонската фудбалска репрезентација денеска се собра во пресрет на натпреварите од Лигата на нации, а новиот репрезентативец Матеј Гаштаров ги кажа своите очекувања по повикот во националниот тим.

Гаштаров кажа дека е пресреќен што добил шанса да настапува за Македонија и посочи дека ќе остави срце на терен.

„Очекуваме победа против Швајцарија, ќе оставиме срце на терен за овој дрес. Секогаш одиме на победа без разлика кој е нашиот противник. Имаме почит за сите ривали, како за Швајцарија, така и за Шкотска и Словенија. Нашиот тим има голем квалитет и одиме на триумф. Среќен сум што сум дел од репрезентацијата, од дете сонував за ова. Очекувам да настапам и се надевам на позитивни резултати. Бев одлично прифатен во репрезентацијата. Работев на себе и се трудев да стигнам до првиот тим на Црвена Звезда. Подготвен сум да играм на повеќе позиции на теренот, како ќе одреди селекторот, ќе исполнам сè што ќе ми биде дадено како задача“, кажа Гаштаров.

Македонија првиот натпревар во Лигата на нации го игра на 26 септември против Швајцарија.