Сензација во УФЦ: Палестинец го нокаутираше олимпискиот шампион за - 12 секунди (ВИДЕО)
Според официјалната статистика, станува збор за третиот најбрз нокаут во историјата на тешката категорија. Публиката во „Крипто.ком“ арената сè уште не беше ниту сместена на своите места, а борбата веќе беше завршена откако Стивсон се обиде да отвори со удар во ногата, оставајќи простор за контранапад кој Шараф го казни со разурнувачко лево кроше директно во брадата. Судијата Френк Триг експресно го прекина мечот, откако Стивсон падна во бесознание.
Поразениот влезе во октагонот со огромни очекувања како олимписки шампион во борење од Токио 2021 година, двократен НЦАА шампион и совршен ММА скор од 4-0. Тој беше сметан за иден предизвикувач за појасот, особено поради тренинзите со легендарниот Џон Џонс, а обложувалниците му даваа неверојатна квота за победа од 1.04. Наспроти него, 33-годишниот Шараф беше тотален аутсајдер, кој во октагонот пристигна со скор од 0-2 во УФЦ, но успеа да направи еден од најголемите пресврти во модерната историја на овој спорт.
„Едно од најголемите изненадувања на сите времиња!“, извика коментаторот на УФЦ, Џон Аник, веднаш по нокаутот.
Џо Роган, пак, додаде дека Стивсон бил „целосно изгаснат“ по ударот.
„Не сум изненаден. Работев напорно, се молев и верував во себе кога никој друг не веруваше“, изјави победникот Шараф по историскиот триумф.
Овој успех му донесе на Шараф и финансиска награда, бидејќи претседателот на УФЦ, Дана Вајт, го награди со бонус од 100.000 долари за настап на вечерта, што е двојно повеќе од стандардниот износ. Поразот го расипа совршениот низ на Стивсон кој сега има скор од 4-1, а социјалните мрежи беа преплавени од видеото на кое се гледа шокираниот Џон Џонс како од првиот ред сведочи на падот на својот штитеник по само неколку секунди борба.