Мајнц го шокираше Менхенгладбах во трилер со седум гола, Вердер победи по 0-2 (ВИДЕО)

Екипата на Мајнц 05 извојува значајна гостинска победа во натпреварот од четвртото коло на германската Бундеслига, совладувајќи го тимот на Борусија Менхенгладбах (4-3) во меч исполнет со многу резултатски пресврти.

Со овој триумф, гостинскиот состав стигна до вкупно седум освоени бода, додека домаќините остануваат заковани на самото дно на прволигашката табела, забележувајќи го и четвртиот пораз во низа со катастрофална гол-разлика од 5-16. Натпреварот започна одлично за домашниот тим кој го отвори резултатот уште во 11. минута, но Мајнц успеа да направи целосен пресврт до крајот на првото полувреме. Стрелци за гостите беа Филип Тиц и Шералдо Бекер, обезбедувајќи водство пред заминувањето на пауза. Менхенгладбах успеа да се врати во мечот преку израмнувачкиот погодок на Швеѓанецот Лидберг, а во 57. минута домаќините пропуштија огромна шанса бидејќи промашија удар од белата точка.

Казната за пропуштениот пенал стигна набрзо, откако Мајнц повторно заигра одлично и преку Ерик Мартел и Дани да Коста, кој зголеми на 4-2 во 89. минута, го реши прашањето околу победникот. Домашниот тим во последните секунди од натпреварот само го ублажи поразот со погодокот на Јапонецот Мачино од пенал.

Возбудливо беше и на останатите натпревари ширум Германија, каде што екипата на Вердер Бремен направи голем пресврт. Откако имаше негатива од два гола, домашниот тим го совлада Аугзбург со конечни 3-2. Херои во големата победа, која го искачи Вердер на шестото место на табелата, беа Грул, Фулкруг и Вајзер. Во меѓувреме, тимот на Хамбургер ја оствари првата сезонска победа надигрувајќи го Келн со 2-1, додека Ајнтрахт Франкфурт и Фрајбург ги поделија бодовите играјќи нерешено 2-2.