Димитровски ќе има нов тренер - довчерашниот селектор на Мексико
Валенсија и 67-годишниот Агире се блиску до финализирање на договорот, откако преговорите меѓу двете страни во последните денови значително напредуваа. Шпанските медиуми објавуваат дека постои принципиелен договор, а остануваат уште неколку детали пред официјалниот потпис.
Агире веќе дал согласност да го преземе тимот и е подготвен да се врати во Ла Лига, каде што во кариерата претходно ги водеше Осасуна, Атлетико Мадрид, Сарагоса, Еспањол, Леганес и Мајорка. Токму неговото искуство во шпанскиот фудбал било еден од факторите поради кои спортскиот директор Браулио Васкез го издвоил како кандидат.
Мексиканецот на кормилото на Валенсија би требало да потпише до крајот на сезоната, со можност соработката да биде продолжена за уште една сезона зависно од исполнувањето на одредени цели.
Агире неодамна ја заврши третата епизода како селектор на Мексико, со настап на Светското првенство во 2026 година. По Мундијалот остана без ангажман, но сега е пред враќање во клупскиот фудбал и тоа во добро познатата средина – Ла Лига.
Валенсија остана без Карлос Корберан минатата недела, по лошиот старт на сезоната, а на последните натпревари тимот привремено го водеше тренерот на вториот тим, Оскар Санчез. Клубот сака новиот тренер да пристигне за време на репрезентативната пауза и да има време да работи со екипата пред продолжението на сезоната.