Рафиња удри по Атлетико поради Алварез: Претераа, ова за никого не е добро
Бразилецот призна дека не му е јасно зошто мадридскиот клуб не дозволил трансфер, особено имајќи предвид дека, според неговите зборови, аргентинскиот напаѓач во повеќе наврати изразил желба да си замине.
„Искрено, не разбирам што направи Атлетико. Ако некој не се чувствува удобно на едно место, тешко е работите да му одат добро. Не велам дека сигурно ќе оди лошо, но кога не си удобен, многу е тешко да имаш мирна глава за работа. Мислам дека претераа бидејќи ова на никого не му одговара, па ни на нив“, изјави Рафиња.
Фудбалерот на Барселона додаде дека Алварез јавно покажувал дека сака промена, но истовремено има разбирање и за позицијата на Атлетико.
„Тој многупати јасно стави до знаење дека сакаше да си замине и да дојде кај нас. Но, разбирам дека клубот не сака да пушти фудбалер од таков калибар“, додаде Рафиња.
Во интервјуто тој зборуваше и за својата иднина во Барселона. Тој потврди дека сака да го продолжи договорот, кој моментално му истекува во 2028 година, и изрази желба кариерата да ја заврши во каталонскиот клуб.
Бразилецот откри и дека тренерот Ханси Флик имал огромно влијание врз неговата одлука да остане во Барселона, откако во еден момент сериозно размислувал за заминување.
„Тој ми го промени начинот на размислување. Пред неговото доаѓање, по Копа Америка, веќе размислував да го напуштам Барса. Всушност, веќе бев одлучил, а тој беше многу важен за да останам“, откри Рафиња.
Бразилецот сезонава игра во одлична форма и неодамна постигна хет-трик во убедливата победа на Барселона од 7-2 против Расинг Сантандер.