Чупиќ: Вардар мора да учи од вакви натпревари
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ по натпреварот го истакна карактерот што го покажал неговиот тим, особено во второто полувреме.
„Почнавме многу добро, а потоа Нант стигна до предност од четири или пет гола. Не знам како, но тие направија неколку грешки, а ние имавме среќа што на полувремето заостанувавме само еден гол. Второто полувреме беше неверојатно за двете екипи. Имаше многу луди работи во нападот и многу луди моменти за голманите. Во текот на целото второ полувреме се играше гол за гол“, изјави Чупиќ.
Вардар во финишот имаше голема шанса да избегне пораз, но Јака Малус двапати не успеа да реализира во клучни моменти. Прво, во последната минута излезе сам пред голманот на Нант, но не погоди, по што гостите добија пенал и стигнаа до предност. Во последните секунди Малус повторно имаше можност, но голманот на францускиот тим повторно беше успешен. Чупиќ смета дека искуството на Нант во најелитното европско натпреварување било еден од факторите кои го решиле натпреварот.
Тренерот на Вардар порача дека неговиот тим мора да извлече поуки од ваквите натпревари и да продолжи да работи за да биде подобар во продолжението од сезоната.
„Ние треба да учиме од вакви натпревари, да работиме понапорно и подобро и да се обидеме да напредуваме до следниот домашен натпревар против Плоцк“, додаде Чупиќ.
Хрватскиот стратег упати и благодарност до навивачите на Вардар, кои во текот на сите 60 минути создаваа одлична атмосфера и му даваа силна поддршка на тимот. И покрај поразот, Вардар покажа дека може да се носи со силен европски противник, но за позитивен резултат му недостасуваше концентрација во клучните моменти од драматичната завршница.