Македонија со убедлив триумф над Израел се одјави од ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација денеска славеше со 3-0 во сетови, односно 25-21, 25-23 и 25-22 против Израел во последниот натпревар од групната фаза на Европското првенство (ЕП) во арената „8888“ во Софија.

Израел подобро го почна натпреварот (2-1), но потоа Македонија ја презема контролата и го сврте резултатот во своја корист (12-7). Во самата завршница следеше нова неизвесност и израмнување (19-19), но потоа македонските одбојкари заиграа посигурно и триумфираа со 25-21.

По неизвесниот почеток, Македонија повторно направи чекор кон освојување на сетот (16-12), а со одлична игра успеа да стигне до 25-23 и да поведе со 2-0 во сетови.

Македонија беше сигурна и во третиот сет, иако Израел на моменти знаеше да блесне на теренот, меѓутоа нашите одбојкари успеаја да слават со 25-22.

Ова за македонските одбојкари беше прв триумф на ЕП, откако претходно беа поразени од Бугарија, Украина, Полска и Португалија.

Фото: cev.eu